Македонија
21. November 2017 - 0:07

Процесот за „Поткуп“ одложен, Груевски дојде на судењето за случајот „Општина Центар“

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ Томислав Лазаров призна дека ги поттикнал насилните протести пред Општина Центар во 2013-та. Рече дека се кае за стореното и побара при одредување на казната судот да ги земе во предвид сите олеснителни околности. Пресудата за Лазаров Кривичен ќе ја соопшти во петок.
 
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи пак очекува осудителна пресуда и за Лазаров и за останатите обвинети во овој предмет.
 
За кривичното дело насилство, останатите 12 обвинети, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и екс-министерот за транспорт Миле Јанакиевски ја отфлија вината. Токму тие според Специјалното обвинителсто се главни организатори на насилните протести пред Општина Центар со цел да не одржи седницата на Советот за измена на деталниот урбанистички план. Судењето за останатите обвинети продолжува на 29 ноември.
 
Денеска пред судот имав можност да се произнесам дека сум невин за случајот во општина Центар. Добро е што судскиот процес против мене конечно почна и се движиме во добра насока, изјави екс премиерот Никола Груевски.
 
Утрово повторно се одложи и стартот на судскиот процес Поткуп во кој првообвинет е премиерот Зоран Заев. Одбраната ја чека конечната одлука на Апелација дали видео-снимката објавена на Јутјуб ќе биде дел од доказната постапка.
 
Следното рочиште е закажано за 25 декември.