Македонија
11. January 2017 - 21:05

Пристигна помошта за семејството Христови

Добра вест за семејството Христови, таткото Владимир наскоро ќе добие сигурна работа. Само еден ден откако Сител ја објави сторијата за семејството од Припор, Министерството за труд и социјална политика најави дека на самохраниот татко на две малолетни дечиња, преку Агенцијата за вработување ќе му обезбеди вработување  и во наредните денови  ќе биде повикан на разговор.

Помошта пристигнува од секаде. Редакцијата на Сител ја контактираа голем број граѓани кои сакаат идивидуално да помогнат со финансиски средства, но и со храна, облека, кревети, мебел и други неопходни предмети.  Детските лица денеска повторно блеснаа со  насмевка, се радуваа на сето она што до сега им го донеле хуманите луѓе.

Владимир ја слушна радосната вест и се надева дека наскоро ќе може да се пофали со редовна плата со која вели полесно ќе ги издржува децата.

Сторијата на Сител не ги остави рамнодушни хуманите граѓани,  приказната за Марија и Огнен кои живеат без цврст покрив, во една соба со дупки во ѕидовите и минимално греење се рашири брзо и на социјалните мрежи. Таткото добил неколку понуди меѓу кои и реновирање на куќата и привремен престој на семејството во топол стан.  Храна, облека, обувки постелнина донираше и Црвениот крст чиј тим и во минатото се грижел за ова семејство. Оттаму апелираат,  сите заинтересирани граѓаните, невладини организации и фирми да ги контактираат тимовите  на Црвениот крст  со цел на координиран начин и поефикасно  да му помогнат на семејството Христови.

Семејството Христови живее во несоодветни услови, а двете дечиња се на возраст од 9 и 6 години. Пред 3 години децата ја загубиле својата мајка, а таткото Владимир поради повреда на кичмата останал и без стабилна работа . За нив се грижи и бабата Горица која е речиси неподвижна. Откако решија јавно да проговорат за проблемите со кои се соочуваат се надеваат дека ги очекува подобар живот.