Македонија
23. November 2017 - 13:26

Придвижување на Ромите кон социјално осигурување за поголема вклученост во општество

Работиме на стратегија за формализација на неформалната економија за придвижување на Ромите кон социјално осигурување, за затворање на прашањето на лицата без документи и за вклучување на децата Роми во предучилишното образование, со цел поголема вклученост на Ромите во нашето општество, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пред почетокот на работниот состанок за социјална инклузија на Ромите во Република Македонија.

- Треба да работиме и работиме на социјално вклучување на Ромите. Работиме на унапредување на инфраструктурата на зголемување на бројот на градинки во Македонија. Со тоа ќе направиме и програми за ослободување од плаќање на децата Роми во градинките за да може да дадеме можност и децата чии родители се корисници на социјална помош или имаат многу ниски примања да одат во градинка. Дополнително таму каде што не може да имаме градинка или нема место во постојаните градинки, постојат дневни центри за вклучување, изјави Царовска.

Посочи дека друго важно прашање е сиромаштијата, која што директно е поврзана со вработувањето.

- Ромите се соочуваат со поголема вклученост на пазарот на неформална економија. Во министерството се работи на стратегија за формализација на неформалната економија со што бројот на лица кои што работат како собирање на пластика и железо, а имаме голем процент од нив на Роми, ќе ги вклучиме во таа стратегија за да ги придвижиме кон социјално осигурување. Кога вие работите, сте вработено лице, очекувате пензија, сте здравствено осигурани и вашите деца имаат пристап до градинка и сите останати ресурси што ги нуди државата, рече Царовска.

Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија Самка Ибраимоски, рече дека состанокот по три години пауза, повторно се враќа за унапредување на положбата на Ромите.

- Денешната конфернеција е битен дел во извештаите на ЕУ, на поглавјето 23 за фундаменталните права и на Ромите во Македонија. Тоа ќе биде еден од условите за влегување во ЕУ. Тука во соработка со министерката, бидејќи сме вклопени во делот за интеграција на Ромите, и со другите министерства, очекувам како реформска Влада ќе покажеме желба и волја со зголемување на буџетот во делот на домување од 10 на 20 милиони. Тоа е доказ дека одиме напред во делот на домување и решавања на проблемите што е многу битен дел на мојот кабинет, изјави Ибраимоски.

Посочи дека неговиот кабинет ќе се фокусира до 2018 година на решавање на проблемите на Ромите во делот на домување.