Свет
23. January 2017 - 12:14

Прибус: Ќе се бориме против „опсесијата“ на медиумите за делегитимирање на Трамп

Медиумите во САД се опседнати со намерата да го делегитимираат претседателот Доналд Трамп, но ние нема да седиме со скрстени раце и да гледаме, изјави за телевизија Фокс, шефот на кабинетот на Белата куќа Ренс Прибус.

Според Прибус, американските медиуми од ден на ден зборуваат и пишуваат за делегитимирање на изборите.

- Белата куќа ќе се бори со заби и нокти секој ден против таквиот третман на претседателот во текот на неговиот мандат, изјавил Прибус.

Најновата расправија на кабинетот на претседателот со домашните медиуми се случи околу прикажувањето на бројот на присутните на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон.

Трамп во саботата, во својот прв работен ден како претседател на САД, ги нападна новинарите за бројката на присутните, што медиумите ја користеа при пренесување на настаните од вашингтонскиот Нешанл Мал.

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спејсер изјави дека на инаугурацијата присуствуваке 720 илјади луге, што според него е најголемата бројка досега во историјата.

Телевизиските станици и весниците, меѓутоа, ја отфрлија таквата оценка како неточна, потсетувајќи дека за инаугурацијата на Барак Обама, на 20 јануари 2009 година, имало многу повеќе луѓе - над 900 илјади.

Како доказ за тоа, медиумите ги прикажуваа телевизиските снимки и фотографиите на Нешанл Мал, снимени од истото место пред осум години и сега.

„Њујорк Тајмс“ го обвини Спејсер за „лажно тврдење“ а несогласување со објаснувањето за „посетеност (на инаугурацијата) како никогаш досега“ изразија и Си-Ен-Ен и Еј-Би-Си, како и „Вашингтон Пост“ и најугледниот интернет весник „Хафингтон Пост“.

Американските медиуми тврдат дека реакцијата со обвинувања на претседателот Трамп, уште во саботата наутро, како и изјавата на Ренс Прибус, претставуваат почеток на „војната со зборови“ на новата администрација со главните весници и телевизиите.

Несогласувањата продолжија и околу тоа дали гледаноста на преносот во петокот од Вашинтон била „како никогаш досега“.

Портпаролот Спејсер соопшти дека преносот го гледале 31 милион Американци, што е малку повеќе отколку за втората инаугурација на Обама како претседател во јануари 2013 година, но неговата прва инаугурација во 2009 година ја гледале 38 милиони, додека инаугурацијата на претседателот Роналд Реган во 1981 година останува рекордна со 41 милион Американци.

Медиумите во САД проценуваат дека податокот оти Хилари Клинтон доби дури три милиони гласови повеќе, а руското хакирање беше насочено да му помогне на Трамп да победи на изборите, е главната причина што Белата куќа секое несогласување со претседателот или со неговиот кабинет, го прогласува за обид да се делегитимира неговата изборна победа.