Македонија
27. јуни 2017 - 16:36

Прибе на средби со владините претставници, ЕУ подготвена да помогне во реформите

Експертот на Европската унија, Рајнхард Прибе, ја анализира работата на институциите во Македонија. Тој денеска се сретна со четворица министри – за надворешни, евроинтеграции, внатрешни и правда. Прибе не сакаше да одговори за што се разговарало на средбите, кратко изјави дека е сеуште рано за проценки и првин сака да ја согледа состојбата.

-Ќе видиме што ќе правиме. Само што почнавме со работа, изјави Рајнхард Прибе, Експерт на ЕУ.

Експретот на Евроспката унија, посетата на земјава ја почна со заедничка средба на министрите за надворешни и евроинтеграции. Во соопштението од МНР се вели дека се разговарало за спроведување на итните реформски приоритети неопходни за членство во ЕУ.

-Отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Р. Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација со цел доследно спроведување на законите“, изјавил Министерот за надоврешни, Никола Димитров..

И вицепремиерот Османи на средбата уверувал дека Секретаријатот за европски прашања ќе се заложи за прикажување на објективна и точна проценка на состојбата.

-Клучно е да добиеме од вас јасни препораки за она што треба да биде преземено и што може да биде реализирано, на краток и среден рок, изјавил Османи на средбата со Прибе.

Според соопштението на Министерството за надворешни работи, на средбата Прибе порачал дека Европската унија е подготвена со експертски тим да и помогне на Македонија.

По средбата со Димитров и Османи, Прибе се сретна и со министрите за внатрешни работи и правда.

Инаку експертот на европската унија е ангажиран заедно со својот тим да ги спроведе реформите во правосудството, јавната админстрација, безбедносните служби и медиумите. Токму овие области беа нотирани како неопходни за доближување на земјата до европското семејство.