Македонија
22. March 2017 - 17:10

Презакажана за утре координацијата за Комисијата за прашања на изборите и именувањата

Продолжението на координативната средба на претставниците на парламентарните групи за утврдување на предлогот за составот на собраниската Комисија  за прашања на изборите и именувањата, што требаше да продолжи попладнево во 15:30 часот, е презакажано за утре во 11 часот.

Причина за одложувањето, според учесници на координацијата, е тоа што нема поместување во ставовите. Денешната расправа траела околу два часа, по што била побарана пауза. Имало предлози средбата да продолжи доцна вечерва, но некои од учесниците не се согласиле. 

Претходно, на денешната координација што почна околу пладне, не беше постигнат напредок помеѓу учесниците кои треба да постигнат договор за претседател на Комисијата за избори и именувања.

На вчерашната координација претставниците на парламентарните групи го договорија бројот на членовите со кои ќе бидат застапени во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Согласно договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса да бидат застапени со по еден чен.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за закажување продолжение на конститутивната собраниска седница.

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.

Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.