Бизнис
11. December 2017 - 13:09

Превозници работат како туристички агенции, нелојална конкуренција во хотелиерството и угостителството

Превозници со основна дејност „патнички транспорт“ работат како туристички агенции, а туристички агенции со Б лиценца продаваат аранжмани и организираат патувања како да имаат А лиценца, алармира Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.

Здружението бара банкарската да биде единствена гаранција за сериозноста на туристичките агенции, а не како досега, агенциите да се покриваат со осигурителни полиси. Неопходно е и да се смени категоризацијата. Наместо А и Б, да има други две категории: тур-оператори (кои ќе организираат патувања) и туристички агенции или продажни агенти (кои ќе ги продаваат аранжманите).

- Предлагаме измени на законите за туристичка и за угостителска дејност со кои треба да се надминат утврдените недоследности и да се стави ред во туристичката дејност. Од 519 регистрирани туристички агенции во Македонија, дури 100 се со основна дејност „патнички транспорт“, истакна заменик-претседателот на Здружението Славе Сирачевски.

На прес-конференција во Стопанската комора, Сирачевски напомена дека лиценците на туристичките агенции треба да се реобновуваат на секои две или три години, а не да важат неоограничено.

Според Асим Меџедовиќ, член на Здружението, мора да се смени и Правилникот за субвенционирање на носењето странски туристи зашто постапата за исплата е обемна и комплицирана.

- Добро би било да се изготви нов правилник по примерот на другите земји, како Турција, која го практикува моделот на финансирање чартер летови. За секој чартер, државата обезбедува 6.000 евра по максимално едноставни процедури. Потребен е само договор со авио-компанијата, напомена Меџедовиќ.

Туристичките работници апелираат на нелојална конкуренција и во хотелиерството и угостителството. Категоризирани се, велат, само хотелите, мотелите и пансионите, но не и останатите објекти за ноќевање, апартмените и ЕрБНБ, букинг, како и другите он-лајн продажни капацитети поради што нема евиденција за бројот на туристи, ниту за приливиот на средства. Во однос на угостителските објекти, како ресторани се регистрирани само 88 субјекти, а такви услуги нудат преку 1.700.

Здружението апелира дека се уште не е решен проблемот и со т.н. човек-агенции. Во оваа насока бара надлежните да имаат поголеми ингеренции за да може да казнуваат на лице место.