Македонија
17. December 2016 - 16:20

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера оствари средби со амбасадорот на САД, Џес Бејли

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со партиски функционери вчера оствари средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли, у амбасадорот Самуел Жбогар. Како што сооштија од партијата доцна синоќа, Амбасадорот на САД на средбата се интересирал за неколку прашања.

 

 -На прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори. На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, амбасадорот доби одговор од присутните дека немаат овластување да го информираат, се вели во соопштението од партијата.

 

На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, беше одговорено дека неможе да помогне пред се затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа, информираа од ВМРО ДПМНЕ.

-Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не  е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот, се вели во соопштението.

Амбасадорот Бејли  потенцираше дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став. Беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа незначи дека некој поединци, партијата или дражавата неможе да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД.

Амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар на средбата со Груевски пренел неколку пораки меѓу кои дека изборите биле слободни и фер, и очекува парламентот што поскоро да почне да работи и да се избере Влада.

Тој нагласи дека Брисел повикува на лидерство  со цел протестите пред  ДИК да не излезат од контрола и изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демострациите. Нагласи и дека ЕУ не се меша во работата на ДИК, информираа од ВМРО ДПМНЕ.

-Од партијата се изрази благодарност за честитките за слободните и фер избори. Се потенцира дека партијата е повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои беа превземани при протестите кои се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на претседателот на државата, кршење и уништување на државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата, и редица други слични постапки. ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека подржува мирни демонстрации и не подржува говор на омрза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите, се вели во соопштението.

На средбата со Жбогар од ВМРО-ДПМНЕ се согласиле  дека европската агенда треба да е приоритет на новиот парламент и на новата влада.

-ВМРО-ДПМНЕ изрази разочараност од некои одлуки на ДИК кој се обидува да изврши постизборен инжињеринг, по што следеа детални информации околу скандалозното гласање на ДИК за поништување на едно избирачко место, базирано на изјава на личност дека не гласала, а истовремено сите членови на изборната комисија потврдија дека на прстот на лицето кое вели дека не гласало имало видливи траги од спрејот кој се става кај секој гласач, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ информираше дека на  ДИК му беше предочено дека веќе постои судска пракса во Република Македонија, преку веќе донесена судска одлука, со која одлука е одлучено дека во случај ако на некое лице му било ускратено правото на гласање, истото лице имало право да бара заштитата на своето избирачко право, и нема основ за поништување на истото изборно место, посебно ако се земе во предвид, дека тој глас нема влијание на конечните резултати.

Од партијата соопштија дека амабасадорот потенцирал дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбирал конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд доколку има жалба на одлуките на ДИК, стои во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

На средбата со амбасадорот на Норвешка  Арне Санес Бјорнстад  ВМРО-ДПМНЕ го  осуди  обидот на партиите кои ги загубија изборите и  нивните подржувачи, преку поголем број жалби да издејствуваат незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на вољата на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ на тоа одлучно ќе се спротивстави и нема да дозволи спроведување на постизборен  инжињеринг во Република Македонија, се наведува со соопштението од ВМРО ДПМНЕ.