Ракомет
1. August 2017 - 18:42

Претседателот Иванов ги прими младите ракометни репрезентативци на Македонија

 Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на младата македонска ракометна репрезентација кои го освоија шестото место на Светското првенство во Алжир за играчи до 21 година.

- Очекувам исто како вашите постари колеги да продолжите со високи резултати за да се радуваме на сите ваши успеси, како во Европа, така и во светот. Многу сме горди на вас и посакуваме да имате исти успеси. Вие сте млади луѓе и пред вас стои извонредна спортска кариера, им порача претседателот Иванов на младите ракометари.

Тој посочи дека Македонија со последните успеси постанува ракометна сила и додаде дека се надева оти младите ракометари ќе ги надминат нивните постари колеги.

Селекторот Илија Темелковски, заблагодарувајќи се за приемот, рече дека е големо задоволство да се биде шести во светот и да се постигне најголемиот успех во македонскиот екипен спорт.

- Го постигнавме можеби најголемиот успех во колективниот спорт во Македонија и влеговме во самиот врв на светскиот ракомет. Зад себе оставивме големи репрезентации, светски велесили. Момците одиграа со срце, имавме тешки натпревари и заслужено сме онаму каде што сме. Мислам дека ќе продолжиме да се афирмираме преку младата репрезентација и дека ќе има уште вакви успеси, рече Темелковски.

Потсети дека и претходно Македонија имала млади ракометни репрезентации кои постигнале успеси на европските првенства.

- Добро е да се има континуитет. Задоволен сум што повторно добив извонредна генерација на ракометари кои се квалитетни. Многу помогна нивното искуство стекнато во Лигата на шампионите и СЕХА лигата, а на мене остана само да го извадам максимумот од овие ракометари, потенцира Темелковски. 

Ракометарот Филип Кузмановски нагласи дека првенството било многу напорно и додаде дека иако биле  добро физички подготвени темпото на игра и секојдневното играње натпревари придонело дел од натпреварите да ги одиграат полошо.

- Во претходните години немавме резултати какви што се очекуваа од нас. Ова светско првенство беше последно за дел од репрезентативците и мислам дека не мотивираше нас постарите играчи да дадеме се од себе. Тоа се покажа и на терен. Изигравме добро првенство. На дел од натпреварите потфрливме бидејќи немавме доволно време да се одмориме, а дел од играчите играа на секој натпревар по 60 минути. Сепак, никој не се штедеше и го даваше максимумот од првата до последната минута, изјави Кузмановски.

Голманот Мартин Томовски е задоволен од постигнатиот успех, но вели дека секогаш може и подобро.

- Среќни сме што ја имавме честа да го оствариме најголемиот колективен успех во Македонија.  Не беше лесно, но почнавме да менуваме некои работи и да го искоренуваме македонскиот менталитет со тоа што прикажувавме одлична игра без разлика на начинот на кој го отворавме натпреварот, рече Томовски.

Постигнатиот резултат, потенцира, е голема мотивација за генерациите кои доаѓаат. - Нека им биде елан и ветер во грб да продолжат и да постигнат поголеми успеси од овие што ги направивме, рече Томовски.

Младите ракометни репрезентативци на скопскиот аеродром ги пречека и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски заедно со претставници на Ракометната федерација на Македонија и им честитаа за постигнатиот успех.

Во разговор со ракометарите Каевски напомена дека мора да се вреднува овој резултат.

- Агенцијата за млади и спорт ќе ги поддржи дополнително ракометарите, со цел да продолжат со континуираните резултати. Само така ќе покажеме вистинска грижа кон спортот, изјави Каевски.