Македонија
12. January 2016 - 16:36

Пресуда во еден ден: 10 месеци затвор за негувателката која малтретираше старица

Десет месеци затвор и е досуден на негувателката Јелица Милановска, која минатиот месец беше обвинета за малтретирање и тепање на старица, за која таа се грижела. Осудена е за сторено кривично дело телесна повреда при вршење на семејно насилство.

Обвинетата пред судот го признала делото што и се става на товар.

Насилството врз бабата било откриено на 21 декември минатата година, кога нејзиниот син ги видел снимките од поставениот видеонадзор во станот на приземјето каде што живеела неговата мајка. На снимките забележал како обвинетата ја удира со раце старицата, ја тегне за коса и ја турка на креветот, по што го пријави случајот во полиција.

Судот како олеснителни околности при одредувањето на висината на казната ги зел во предвид и фактите дека оштетените не побарале отштетно побарување, неосудуваноста, изразеното каење и жалење, материјалната состојба и возраста на обвинетата.

За отежнителни околности се опфатени доказите дека делото е извршено без повод и причина, дека обвинетата ја искористила немоќта и односот на доверба што го имала воспоставена со семејството, но и дека свирепо се изживувала со оштетената.

Судот донесе решение обвинетата да остане во притвор до правосилноста на пресудата, бидејќи ниту според личната карта не е утврдено каде живее.