Македонија
19. February 2018 - 16:46

Премиерот Заев верува во решение за спорот до јули

 Премиерот Заев е оптимист дека до Самитот на Алијансата, ќе се реши спорот за името со Грција, а земјава ќе добие покана за членство.

- Верувам дека ќе успееме успешно да ги завршиме преговорите до самитот на НАТО во јули. Имаме автоматска покана, што значи дека членките на НАТО ќе почнат со ратификација на нашето пристапување, откако ние и Грција ќе најавиме дека спорот е решен, изјави Заев интервју за австриската радиостаница ОРФ, што го пренесе Ројтерс.

Одблокирање на македонските евро-атлантски интеграции побара претседавачот со Минхенската безбедносна конференција и поранешен германски амбасадор во САД, Волфганг Ишингер.

- Патот на Македонија кон ЕУ и НАТО треба да се одблокира. Тоа требаше одамна да биде сторено, напиша Ишингер на твитер, коментирајќи го твитот на министерот Димитров дека по долго чекање време е за пробив на земјата во ЕУ и НАТО.

Продолжување на засилените преговори и контакти меѓу шефовите на дипломатиите од двете земји, најави грчката телевизија Алфа, која повикувајќи се на владини извори објави дека во деновите од оваа клучна недела Коѕијас доаѓа во Скопје, носејќи му ја на Димитров нацрт-спогодбата што ја подготвува грчката страна.

И оваа телевизија јавува дека посетата ќе се реализира со авион што ќе слета на аеродромот што го носи новото име „Меѓународен аеродром Скопје“, прв грчки лет по 12 години. 

Алфа тврди дека Коѕијас ги подготвува последните детали и дека во нацрт спогодбата, освен името ќе бидат вклучени и промени во македонскиот Устав за „отстранување на иредентизмот“.

И, професорот по уставно право на Атинскиот Универзитет, Јоргос Гератеритис, во Катимерини пишува дека ревизија на уставот е неопходна и покрај тоа што е јасно дека Македонија во два наврата направи промени, токму на барање на Грција за отстранување на иредентизмот.

Професорот смета дека потпишувањето на договорот меѓу двете земји, што би се ратификувал со Парламентите, е неопходен чекор, но во никој случај не е доволен ако не се гарантира ревизија на Уставот. Меѓународниот договор е обично инфериорен во однос на уставот, во рамките на државата. Опстојувањето во Уставот само на името ,,Македонија‘‘ и на сите термини како ,,македонски‘‘ во пракса ќе го анулира основното барање на грчката дипломатија, дека решението треба да се применува на сè и пред се, и во внатрешноста на земјата, смета Гератеритис.