Македонија
20. September 2015 - 13:22

Премиера на „Федра“ вечерва на фестивалот „Стоби“ во Велес

Во рамките на 14. Фестивал на античка драма „Стоби 2015“, вечерва на сцената на велешкиот Народен театар премиерно ќе биде изведена претставата „Федра“, праизведба на истоимениот текст на Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски.
 
Во претставата која е копродукција  на НУЦК Театар „Јордан Х.К.-Џинот“ и Словенско младинско гледалишче од Љубљана, Словенија насловната улога ја игра Меруша Облак, а во улогата на Хиполит Васил Зафирчев. Музиката е на Сашко Костов, кој во живо ќе  настапи во претставата на импровизирани музички инструменти.
 
Како што појаснува за медиумите режисерот Ивановски, претставата се занимава со машко-женските односи од аспект на релација меѓу повозрасна жена и помлад маж.
 
- Фатализмот како резултат од неможноста за заокружување на љубовната приказна меѓу Хиполит и Федра е средство кое го акцелелира драмското дејство, додека околноста заради која немоќта постои ја прави претставата место со згуснато значење, пуст остров од кого исчезнуваат и последните жители, потенцира Ивановски.
 
Инаку, ова е седма и последна претстава на ФАД „Стоби 2015“ во конкуренција за наградите на фестивалот кои ќе бидат врачени на свеченото затворање на манифестацијата на 22 септемри. На свеченоста во чест на наградените Велешкиот театар ќе ја изведе „Крал Иби“ од Алфред Жари во режија на Андреј Цветановски.
 
Синоќа, во рамките на ФАД „Стоби 2015“ беше изведена шестата претстава во конкуренција, претставата „Електра“ по сценски текст, режија, концепт на светлосен дизајн на Андриј Жолдак од Украина, а во изведба на МНТ од Скопје.
 
Претставата, која траеше над три часа, со еден современ концепт на „Електра“, беше наградена со голем аплауз од велешката публика и враќање на бис на актерите. Во главната улога на Електра  мошне успешно настапи младата актерка  Дарја Ризова.
 
По претставата во изјавата за МИА, Ризова оцени дека имало една тишина во која публиката навлегла во самата претстава, на тие кои според неа се сладокусците и им се допаднала и тоа се видело по аплаузот. Дарја која прват настапува на новата велешка театарска сцена оцени дека тој е прекрасен за играње.
 
- Оваа „Електра“ е современа и затоа и е потребна силна техника што и го овозможи велешката технички најсовремена сцена. Инаку, во Подгорица настапивме во хангар во напуштена фабрика каде што беше многу автентично, рече Ризова.
 
Актерката Ѕвезда Ангеловска, која исто така игра во претставата во изјава за МИА потенцира дека оваа „Електра“ е доста специфична претстава со специфичен јазик на самиот режисер.
 
- Ние се вративме од Подгорица каде публиката фантастично ја прими, меѓутоа велешката публика, онаа која ја доживеа и почувствува, мислам дека беше задоволна. Мислам дека по аплаузот и овациите посебно за главниот лик за Електра во изведба на Дарја Ризова имаше пофалби и фидбек, односно повратна емоција и тоа се чувствуваше, оцени Ангеловска.
 
Ангеловска која настапувала и на некои од претходните изданија на ФАД, а била и во жирито на фестивалот смета дека „Стоби“ станува се повеќе познат и надворе од земјата.