02.08.2014 - 06:27 |
Последна промена пред 8 часа 57 мин

Прелиминарно распределени 78 социјални станови во Битола

Министерството за транспорт и врски денеска изврши прелиминарна распределба на 78 социјални станови во Битола, за кои на повикот пристигнаа 158 барања.

Првите 13 станови ќе бидат доделени на деца без родители, 48 станови се за лица што добиваат финансиска помош, а 50 станови се за самохрани родители.

- Јавната електронска распределба мина мирно и без реакции, а по утврдувањето на листата ќе биде извршен теренски мониторинг со анализа на приложените податоци од страна на апликантите,  изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. 

Тој истакна дека електронското наддавање се реализира со цел да се намали влијанието на човечкиот фактор во одлучувањето. Врз прелиминарната листа ќе се извреши двојна контрола со сите податоци кои се доставени и внесени во електронскиот систем.

Но, исто така ќе се направи увид и на лице место на сите кои добиле станови, со што сите што дале неточни информации лесно ќе бидат откриени, укажа министерот Јанакиески.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески информира дека за реализација на проектот општина Битола вложила 30 милиони денари кои произлегуваат од обврската за комунален надоместок и 8,7 милиони денари за изградба на инфраструктурата за потребите на станбените објекти во кои се наоѓаат т.н. социјални станови. 

Социјалните станови се наменети за решавање на станбеното прашање на лица кои спаѓаат во една од социјалните категории: деца без родители или родителска грижа кои имаат над 18 години, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица или лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице, самохрани родители со малолетни деца, припадници на Ромската заедница социјално загрозени...

Становите се распределуваат согласно методологијата за бодирање на кандидатите за добивање социјален стан под закуп, а се зема предвид и бројот на членови во заедничкото домаќинство, вкупниот расположив прилив на средства по член да не изнесува повеќе од 50 евра во денарска против вредност, старосната структура и трајниот инвалидитет.

Становите се дел од проектот за домување на социјално ранливите групи во рамки на кој е предвидена изградба на 35 објекти во 26 града на територијата на Република Македонија.

Во периодот од 2007 до 2011 година  изградени се 9 објекти со 430 станови и тоа 29 во Македонска Каменица, 102 во два објекти во Скопје, 71 во Охрид, 32 во Кичево, 29 во Кочани, 30 во Кавадарци и 46 во Крива Паланка.

Во 2012 и 2011 година се склучени договори за закуп и вселени се 293 станови наменети за социјално ранливи групи. Сите станови се со квадратура од 35 до 35 метри квадратни.

Македонија