Македонија
16. September 2016 - 17:00

Преку Советот на Европа започна европското интегрирање на Македонија: Трајко Вељановски во Стразбур

Престедателот на Собранието Трајко Вељановски денеска во Стразбур разговарал со шефот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Педро Аграмунт.. Двајцата се согласиле дека сите предизвици може да се надминат со смирен пристап и дијалог, со цел добросостојба на сите граѓани и подобра иднина на државата.

Вељаноски, како што соопштува неговиот Кабинет упати благодарност за принципиелната политика на Советот на Европа кон Република Македонија и постојаната поддршка што Македонија ја добива од нивна страна. 

Аграмунт изрази заинтересираност да ја посети Македонија и да оствари средби на кои одблиску би се запознал со состојбите во земјата.

Средбата на Вељаноски со претседателот на парламентарното собрание на Советот на Европа е во рамки на Европската конференција на претседатели на парламенти што се одржува во Стразбур. Денеска на темата заедничко промовирање на демократијата, човековите права и владеење на правото зборувал Претседателот на Собранието Вељаноски, потсетувајќи на македонското претседавање со со Комитетот на министри на Советот на Европа во 2010 година и оти за време на шестмесечно претседателство државата покажала дека е подготвена и има капацитет активно да придонесува во решавањето на прашањата со кои се соочува Советот на Европа.

Верувам дека ќе се сложите дека човековите права и граѓанските слободи како и развојот на демократијата никаде и никогаш не се докрај остварени, а нивното остварување е континуиран процес. Советот на Европа е институција која обезбедува корисни законодавно-правни инструменти во изнаоѓањето адекватни одговори на современите предизвици. Препораките на Советот на Европа кај нас секогаш биле добродојдени и сметани како поддршка на нашиот демократски развој, рече Вељаноски.

Периодот што следува, смета тој, е важен во процесот на евроинтеграција на Македонија и покрај политичките предизвици со кои се соочува државата, таа останува  посветена на градењето мултикултурно, општество, преку  реформските процеси во клучните области.