Македонија
8. February 2018 - 16:11

Преговорите за името влегуваат во финална фаза, Македонија се бори за покана во НАТО во јули

Преговорите за името влегуваат во фото финишот. Со средбата на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас на 15ти и 16ти февруари во Софија, започнува интензивниот преговарачки процес кој се очекува да финишира до крајот на март.

Високи владни претставници велат дека до сега се соопштувале позициите на двете страни и се разгледувал предлогот на Нимиц, а суштинските разговори за решение допрва доаѓаат. Медијаторот Нимиц изразил подготвеност речиси секоја недела да се среќава со шефовите на дипломатиите од двете земји кои директно ќе ја преземат улогата да го водат процесот. Но доколку преговорите заглават на некоја од точките, можное  вклучување на дипломатски тешкаш од САД или ЕУ кој би помогнал да се надминат разликите меѓу Скопје и Атина.

Според последните изјави на премиерот Заев, во игра се сите 4 предлози со географска одредница. Заев не ја спомена можноста за определување временска одредница како што е Нова Макеоднија. Од владата не откриваат кој од 4те предлози на Нимиц е најприфатлив за македонската страна но велат дека предлозите на медијаторот Нимиц не се далеку од решение кое е прифатливо за македонската страна. Чекорното решавање на спорот кое Нимиц го врзува со членството во НАТО и ЕУ е опција и за македонската страна. Постојат размислувања дека е добро и референдумот за името да се случи пред членството на Македонија во ЕУ а не оваа пролет.

Најжешка тема во преговорите ќе биде барањето на Грција за промени на Уставот. Додека Атина бара едно име за внатрешна и надворешна употреба кое ќе биде вградено во највисокиот акт- Уставот, македонските власти сметаат дека принципот ерга омнес  не значи уставни измени и дека нема потреба од уставни интервенции.

Иако во владата постои оптимизам за решение до крајот на март, доколку до тоа не дојде, разговорите ќе продолжат  и во следните месеци. Македонската преговарачка страна верува дека постои волја кај грчкиот премиер Ципрас да се реши спорот .

Првите отстапки од македонска страна се веќе направени. Владата донесе одлука за премименување на аеродромот и автопатот чии имиња Грција ги сметаше за иредентизам. Заев јавно објави и дека за македонската влада е прифатливо сложено име со географска одредница.