Балкан
24. April 2016 - 8:52

Предвремени парламентарни избори во Србија

Граѓаните на Србија денеска гласаат на вонредните избори за членови на новиот состав на Народното собрание, на кои се очекува убедлива победа на коалицијата предводена од Српската напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ.

Последната анкета на јавното мислење, спроведена од агенцијата „ПроПозив“ покажува дека 50,3 отсто од избирачите својата доверба на изборите ќе и ја дадат на коалицијата на СНС. 

Според анкетата, далеку зад очекуваниот апсолутен победник на изборите ќе се најде блокот на коалицискиот партнер на СНС, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ со 11,4 проценти и Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ со 8,2 отсто.

Покрај, овие три партии шанси за влез во новото српско Собрание имаат  уште четири изборни листи, кои можат да се надеваат на околу пет проценти од гласовите, колку што изнесува и изборниот цензус. Станува збор за коалицијата „За праведна Србија“ на Демократската партија (ДС), блокот Двери-Демократска партија на Србија (ДСС), „Сојузот за подобра Србија“ предводен од Социјалдемократската партија (СДС) на Борис Тадиќ и листата „Доста беше“.

Доколку се остварат ваквите прогнози, партијата на Вучиќ ќе ја оствари досега најубедливата победа на едни парламентарни избори од нејзиното формирање. Досегашниот нејзин најголем успех беше во 2014 година, кога освои 48 проценти од гласовите. 

Но, она што го истакнуваат аналитичарите е фактот дека на овие избори во Собранието ќе се вратат ултранационалистите од партијата на Шешељ и од десничарското движење Двери, кои имаат нагласени проруски и анти-НАТО и анти-ЕУ ставови. Според предизборните анкети, редикалите би освоиле меѓу 25 и 30 места во 250-члениот Парламент.

Иако тие задно со другите десничарски партии не можат да ја загрозат доминантната позиција на премиерот Вучиќ сепак се очекува да бидат редовни критичари на неговиот проевропски курс и да создаваат пречки во текот на преговорите на Србија за членство во ЕУ.

Шешељ, кој неодамна беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал покрај по својата антизападна реторика е познат и како еден од главните апологети на сонот за создавање на „Голема Србија“, кој доведе до крвавите војни на територијата на поранешна Југославија во 90-тите години на минатиот век. 

Во текот на предизборната кампања тој најави дека негова цел е СРС и останатите идеолошки сродни партии да освојат најмалку една третина од местата во Парламентот со што би ги блокирале евентуалните промени на Уставот на Србија, кои би можеле да се наметнат како потреба во рамки на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. 

Радикалите и останатите десни партии беа единствените во предизборната кампања кои нагласено го форсираа прашањето за европските интеграции и иднината на Косово. За разлика од нив проевропските партии се трудеа својата кампања првенствено да ја насочат кон економски прашања и социјалните проблеми на граѓаните.

Опозициските партии во кампањата ги истакнуваа проблемите со зголемениот буџетски дефицит, растот на долгот, намалувањето на субвенциите, зголемувањето на даноците и приватизацијата на државните претпријатија загубари, што придонесе за влошување на животниот стандард на граѓаните и раст на невработеноста.

Светската банка за оваа година прогнозира економски раст на Србија од 1,8 проценти, што е под просекот од земјите во регионот и просечна месечна плата од 357 евра, која е меѓу најниските на Балканот.