Балкан
20. September 2015 - 8:35

Предвремени парламентарни избори во Грција

Околу десет милиони Грци денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, втори за оваа година, јави дописникот на МИА од Атина.

Основното прашање во земјата, која од 2009 година четири пати организира парламентарни избори и смени шест влади, е дали победникот ќе успее да се задржи подолго од претходната Влада на Сириза, чија власт траеше само седум месеци.

Денешните избори се организираат поради тоа што поранешниот премиер Алексис Ципрас го загуби парламентарното мнозинство по бурни несогласувања во неговата партија околу содржината на последниот договор со меѓународните кредитори на земјата.

Сега првпат во 60 години постојат шанси девет партии да влезат во новиот Парламент, иако некои од аналитичарите сметаат дека сепак пратенички места ќе освојат шест или седум.

На изборите учествуваат 14 политички партии и пет коалиции кои ќе натпреваруваат за 300 пратенички места. Речиси сите анкети покажаа дека ниту една од партиите нема да го добие неопходниот број гласови за да владее самостојно, што значи дека и следната влада ќе биде коалициска.

Гласањето во Грција е задолжително. Изборните места се отворени од 7 часот наутро и ќе затворат во 19 часот. Првите резултати од гласањето се очекуваат во 21 часот.

Според грчкиот изборен систем, партијата што ќе победи на изборите, добива дополнителни 50 места во Парламентот. Тоа значи дека ако Сириза и Алексис Ципрас или лидерот на конзервативците, Евангелос Меимаракис, добијат и еден глас повеќе, едната или другата партија автоматски ќе ги освои и дополнителни 50 места во Парламентот. Анкетите покажуваат дека дури и со овој бонус победничката партија нема да може да владее без коалициски партнер, бидејќи гласовите на избирачите се распределени помеѓу многу партии.

Со оглед на тоа што речиси сите анкети покажаа дека Сириза води пред Нова демокартија, во Грција владее мислењето дека радикалната левица на Ципрас има најголеми шанси да состави влада, ако ја добие поддршката од Потами и ПАСОК. Сепак, аналитичарите се водржани од сигурни прогнози и сметаат дека е можно и друго сценарио.

Клучни за крајниот исход од денешното гласање се сметаат оние гласачи кои до вчера се уште беа неодлучни или ќе се воздржат од гласање. Нивниот број надминува дури 650 илјади.

Факт е дека меѓу избирачите владее голема незаинтересиранот за денешното гласање, исто како и за предизборната кампања која имаше слаб одзив. Грците се видно разочарани и многу од нив нема да гласаат поради недовербата што ја имаат кон сите политички сили во земјата.