Свет
25. May 2017 - 8:49

ОН предупреди дека американските буџетски кратења ќе попречат во изведувањето мисии

Планираното, од американската влада, драстично намалување на буџетот, се заканува да ја остави ОН неспособна да ги реализира основните мисии, изјави портпаролот на Светската организација Стефан Џужарик.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, побара во вторникот, водечката светска сила да го намали буџетот за дипломатијата и меѓународната помош за повеќе од 30 проценти во однос на претходната година. Намалувањето достигнува 60 проценти од финансирањето, обезбедено од Вашингтон за мировни операции.

Ако предложениот буџет биде одобрен, за ОН ќе стане невозможно да продолжи да ја врши својата основна работа во корист на мирот, развојот, човековите права и хуманитарната помош, рече Џужарик.

САД имаат најголем удел во финансирањето на ОН, обезбедувајќи 22 проценти од буџетот за функционирање на организација, во вредност од вкупно 4,5 милијарди долари, и 28,5 проценти од буџетот од 7,9 милијарди долари за операции за поддршка на мирот .

Вашингтон смета дека не треба да финансира повеќе од 25 проценти од трошоците за овие операции.

Џужарик истакна дека од преземањето на функцијата во јануари новиот генерален секретар на ОН Антониу Гутереш покажал волја за реформи и е сосема свесен за потребата од ограничување на трошоците.

- Сепак, нам ни се потребни средства за да ги исполнуваме нашите ангажмани, додаде тој.