Бизнис
21. December 2015 - 12:31

Предновогодишна честитка - Поевтинуваат горивата!

Европската нафта од типот „брент“ која се увезува и во Македонија денеска ја достигна најниската цена во последните 11 години, јавува Асошиејтед Прес. 

На денешното тргување, северноморската нафта за испорака во јануари се спушти на цена од 36 долари и 29 центи. Во однос на петочното тргување цената се спушти за дури 59 центи.

Американската нафта се тргува по цена од 34 долари и 37 центи.

Што се однесува на малопродажните цени во Македонија, последните промени на светските берзи треба да донесат значително поевтинување.

Минатиот понеделник кога Регулаторната комисија за енергетика ги формираше цените, просечната цена на барел нафта беше 40,687 долари. Во моментов, ценат е за скоро 4,5 долари пониска во однос на таа од пред една недела а предвидувањата се дека дополнително ќе се намалува.

И доларот губи од својата вредност во однос на денарот. За оваа недела доларот поевтини за еден денар и сега неговиот курс е околу 56.9 денари за еден долар.

Во вакви услови најверојатно ќе има поевтинување за 2-3 денари по литар и тоа пред се кај бензините. Се очекува да поевтини и дизелот.

Минатата недела, бензините останаа со иста цена. ЕУРОСУПЕР БС95 чини 62,5 денари за литар а ЕУРОСПУЕР БС98 64,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ-от се точи по цена од 46,5 денари за литар.