Предадени околу 80% од годинешната реколта тутун
Откупени речиси 16 милиони килограми тутун, или 80% од годинешната реколта. Иако снегот ја забави динамиката, предавањето на родот се одвива во најдобар ред.
Просечната откупна цена достигнува речиси 193 денари, а од откупените количини се исплатени 95 отсто.
Во Битолско откупот на тутунот е речиси при крајот. Надлежните очекуваат да заврши до крајот на неделата. Засега не е регистрирана ниту една забелешка од тутунопроизводителите, а со оглед на преземените количини досега, откупот предвреме ќе заврши.
Откупот годинава го вршат 9 откупувачи. Родот е со одличен квалитет и достигна рекордна цена. Лани просечната цена беше 184 денари, а 2014та 120 денари. Тутунарите добиваат субвенции од 60 денари по килограм.
Очекувањата се дека годинава ќе се откупат уште 4 милиони килограми или вкупно 20 милиони килограми.
-
Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар