Македонија
19. January 2017 - 16:57

Празникот Водици масовно одбележан во Општина Илинден

Традиционално со осветување на водите на езерото на хотелот „Белви“, што го извршија свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, жителите на Општина Илинден масовно го одбележаа големиот христијански православен празник Богојавление – Водици. 

По четврти пат најсреќен меѓу 60-ната верници, кој прв стигна до Богојавленскиот крст што беше положен во водите на езерото на хотелот „Белви“ беше 21-годишниот Марио Димитријевски.

На најрадосниот учесник, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, како и од претставници на јавните претпријатија, бизнисмени и граѓани му беа доделени повеќе подароци.

Студеното време и снегот не беа препрека голем број граѓани да присуствуваат на манифестацијата која по 9-ти пат ја организира Општина Илинден во сорабортка со свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“.

Како што налага традицијата, како и во изминатите години Општина Илинден за присутните на манифестацијата обезбеди топли пијалоци, како и традиционалната пифтија.

Православниот празник Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици заради големиот водосвет што го извршува Црквата на овој ден.