Македонија
24. March 2017 - 9:08

Празник на франкофонијата во МКЦ

Со регионален форум, младинска изложба и концерт на францускиот поп пејач Шарл Батист, во Младинскиот културен центар денеска ќе биде одбележан Празникот на Франкофонијата, во организација на Францускиот институт во Скопје.

Регионалниот форум „Францускиот јазик, младите и можностите за работа“, како што е најавено, има за цел да го стави во фокус францускиот јазик како адут за професионалната иднина на младите во рамки на Балканот, но и да ги поврзе компаниите, институциите, универзитетите и училиштата во Македонија и во регионот.

Форумот опфаќа три тркалезни маси со учесници од Франција, Швајцарија, Бугарија и Македонија, на тема францускиот како јазик за меѓународна кариера, францускиот како јазик за вработување на младите и универзитeтски франкофонски програми достапни во Европа.

Во холот на МКЦ ќе биде поставена изложба на десетте најдобри учесници на фото натпреварот „Освен тоа, зборувам и француски!“, при што ќе бидат доделени наградите на тројцата млади автори на најдобри фотографии.

Вечерта во киното „Фросина“ концерт ќе одржи Шарл Батист, млад француски поп пејaч.