Балкан
29. May 2017 - 11:44

Пратеник на црногорската владејачка партија приведен во Москва

Пратеникот во црногорското Собрание од редовите на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), Миодраг Вуковиќ бил приведен на московскиот аеродорм „Домодедово“, објави подгоричкиот весник „Вијести“.

Весникот наведува дека при приведувањето на Вуковиќ му било соопштено дека следниот ден ќе биде депортиран со првиот лет кон Тиват.

На Вуковиќ при тоа му бил одземен пасошот и цела ноќ бил задржан во просторија во меѓуграничната зона на аеродромот, без вода и пристап до тоалет.

Причините за приведувањето на Вуковиќ официјално не се соопштени, но според извори на „Вијести“, тој бил приведен од „политички мотиви“.

Вуковиќ бил приведен додека преку Москва патувал кон Минск, каде како пратени требало да учествува на парламентарното заседание на Централноевропската иницијатива.

Односите меѓу Москва и Подгорица се влошија во последниве неколку години поради црногорските амбиции за членство во НАТО, а тензиите доживеаја кулминација кога лани на денот на парламентарните избори во Црна Гора, властите обвинија дека Русија организирала обид за преврат и за атентат на тогашниот црногорски премиер Мило Ѓукановиќ. Москва категорично ги отфрла ваквите обвинувања.