Македонија
11. January 2018 - 16:10

Пратениците со 69 гласа го изгласаа законот за јазици, опозицијата не дојде во собраниската сала - на потег претседателот Ѓорге Иванов

Со 69 гласа За и ниту еден против Собранието го донесе Законот за јазиците. По неколку неуспешни обиди Џафери денеска конечно успеа да собере кворум за законското решение кое ги обедини СДСМ и сите албански политички партии.

ТОНСКО: Атмосфера Собрание – Талат Џафери – ДУИ

Законот предвидува во рок од 6 месеци сите табли на институции и патокази кои се наоѓаат во Скопје и општините каде што живеат најмалку 20% Албанци да станат двојазични. Парите нема да се менуваат, но затоа ќе се менуваат униформите на полицијата, пожарникарите и лекарите. Сите треба да станат двојазични. Сите институции ќе ги менуваат и печатите, а сите документи, фактури и фискални сметки ќе ги издаваат и на македонски и на албански
На Албански јазик ќе мора да работат и да ги изготвуваат своите акти и нотарите и извршителите доколку во спорот една од странките го побара тоа. Со новиот закон на албански ќе може да се водат седниците на Собранието и Владата.
За непочитување на одредбите предвидени се казни до 5.000 евра.
Владата пресметала дека за имплементација на овој закон во 2018 година ќе потроши над 1,7 милиони евра.

Сега на потег е претседателот  Иванов. Тој има рок од 7 дена да го стави својот потпис на овој закон. Доколку не го стори тоа, тој повторно се враќа во Собрание каде пратениците со мнозинство од 61 глас можат пак да го изгласаат по што Иванов веќе нема право на вето. Претседателот веќе излезе со став дека ќе го потпише законот само ако е во согласност со Уставот и националните интереси, а во своето годишно обраќање пред пратениците, законското решение го оцени како опасност за државата

Од неговиот кабинет за Сител денеска не откриваат многу. Кратко велат дека одлуката Претседателот ќе ја соопшти во законски предвидениот рок, штом изгласаниот закон пристигне на Водно.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Во писмено соопштение законот го оценија како неуставен.

„Со овој чин власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата за неа е само мртво слово на хартија.

Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните.

Законот за двојазичност не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив ги продлабочува разликите и оди на штетата на хомогеноста на македонското општество. - .“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Во албанскиот политички блок единство. Сите 4 партии кои имаат пратеници во Собранието го поддржаа законот без разлика кој е на власт а кој во опозиција.

За македонската експертска јавност законот е неуставен. Угледните професорки Сиљаноска и Маџоска како и академик Ќулафкова ваквиот став го соопштија во отворено писмо во кое јавно побараа претседателот Иванов да го искористи правото на суспензивно вето, а доколку Законот повторно помине во Собрание да интервенира Уставниот суд.
Законот за употреба на јазиците беше клучното барање на ДУИ за влез во Владата на Заев и камен на кој се сопна партнерството меѓу Груевски и Ахмети. Тој стана дел од тиранската платформа која Ахмети заедно со лидерите на сите албански политички партии и албанскиот премиер Рама ја договори во главниот град на соседна Албанија. Тој своето задоволство го изрази на социјалните мрежи.

„Изгласувањето на законот за албански јазик од парламентот во Скопје е историско достигнување за Албанците што ја демократизира и ја зајакнува самата Македонија - напиша Еди Рама на фејсбук