Македонија
28. July 2017 - 12:29

Пратениците на пауза, Димовски бара информација кој го потпишал извештајот за расправата за ребалансот

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на продолжението на 5. седница побараа информација од претседателот на Собранието Талат Џафери кој синоќа го потпишал Извештајот од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет бидејќи тоа не го сторила претседателката Лилјана Кузмановска, како што е пропишано со Деловникот.  

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој Извештај не е потпишан од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет туку по нечија иницијатива е потпишан од други пратеници, спротивно на член 128 став 6 од Деловникот за работа на Собранието.

- Таквиот документ веќе е или многу наскоро како официјален документ ќе биде препратен веројатно од ваша страна до Владата на Република Македонија, за Владата да процесуира постапка за дополнет предлог на Буџетот. Бидејќи овој член е прекршен Собранието постапува надвор од овој член, барам од вас да ни доставите прецизна информација во врска со ваквата состојба, кој го потпишал тој Извештај, по можност пред да го доставите до Владата за да се усогласиме како ваквото прекршување да биде третирано од ваша страна и од пратениците во Собранието, рече Димовски.   

За информацијата да биде доставена до нив Димовски побара еден час пауза. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери го прифати барањето за пауза, но потенцираше дека ребалансот на Буџетот не е на дневен ред на оваа седница и оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараната информација ќе ја добијат кога ќе се расправа по оваа точка. 

- Не спорам право да барате информација во однос на она што го изнесовте како процедурално но таа можност ќе ја имате кога на дневен ред ќе дојде соодветната тема во однос на расправата за ребалансот на Буџетот. Извештај за тоа прашање нема да добиете затоа што не е на дневен ред. Во редовна процедура ќе го добиете сиот материјал. Точно е дека во членот што го цитиравте токму така пишува, но во ситуација кога претседател на Комисија ќе одбие да потпише Извештај е работа за која што во Собранието се дадени надлежности, рече Џафери.   

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи работата по три седници на чиј дневен ред се Извештајот за работата на Агенцијата за администрација, именување на заменици на генералниот секретар на Собранието, а потоа и 5. седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, која беше прекината пред десетина дена поради почетокот на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот.