Македонија
25. April 2017 - 15:35

Пратениците 18-ти ден расправаат за избор на Комисијата за избори и именувања

Пратениците во македонското Собрание денеска ја продолжија конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На денешното 18-то продолжение, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ повторија дека е потребна дебата за да се се надминат сите разлики и предвремени избори за да се расчистат дилемите. Во фокусот на денешната дебата беа тиранската платформа и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор во Тетово.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека молчењето од СДСМ и нивното неприсуство последните десетина дена на собраниските седници кажува се.

- И ние и граѓаните на Република Македонија, особено повеќе од половина милион Македонци кои протестираат веќе два месеци низ градовите и селата знаат дека договорено е следново - базата на програмата која ги загуби изборите на 11 декември 2016 т.н. Програма за живот е всушност тиранската платформа, рече Данев. Законот за јазици ќе ја направи Македонија бинационална држава, а со декларцијата, како што рече, ние Македонците мора самите во Парламентот да се прогласиме како геноциден народ. 

Неговиот сопартиец Горан Манојлоски смета дека треба Бадентер да се примени на локално ниво, односно да има Бадентер во општините каде Македонците или друго население се малцинство за да се заштитат нивните права и барања и да живеат во соживот. 

Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека граѓаните ја сфатиле играта на раководството на СДСМ и додаде оти реагираат скоро два месеци, а СДСМ се уште молчи.

- Ако треба цената за да се дојде на власт да биде Македонија тоа би било голема штета, грев и предвство кон сопствената држава и сопствениот народ, рече Димков и апелираше СДСМ да се преиспита. 

Сашо Поцков од СДСМ нагласи дека граѓаните бараат решавање на реалните проблеми, земјоделците бараат исплата на субвенциите, решавање на штетите од невремето од пред неколку дена. Обвини дека сето тоа го кочат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со нивните дискусии и не дозволуваат избор на претседател на Собранието и формирање влада.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка забележа дека народот треба да се праша за најновите постизборни политички измами. 

- Нема никаков проблем ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата „За подобра Македонија“ да оди во опозиција, но за тоа треба да одлучи народот. Оној ист народ кој пред три-четири месеци одлучи ние да бидеме победничка партија, а вие да бидете втора партија, рече Димовски. Додаде дека СДСМ треба да ги отфрли сите постизборни манипулации, платформи, деклараци и да прифати дека е втора партија во Собранието.

Блокадата, како што рече, ја правите вие со тоа што прифаќате постизборна манипулација и нормално е да очекувате дека граѓаните, пратениците, уметниците, спортските работници се спротивставија на ваквиот начин на политичко насилство кое вие се обидувате да го наметнете на сцена.

Во реплика Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ повторно се обидува да ја промени темата за која се дебатира. 

- Ние зборуваме за реални случувања и проблеми. За тоа какви проблеми ќе се јават со политиката што ја спроведува СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не прави блокада на Собранието. Од овие процедурални забелешки гледаме дека СДСМ со тоа што се обидува да изнесе манипулации и да не замолкне сака да ја направи и блокадата во оваа собраниска сала, истакна Лашкоска. 

Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија смета дека Рамковниот договор треба да биде и да претставува мировен договор и основа за градење соживот. Во суштина, како што рече, тоа не е така и на некој начин претставува вовед во тиранската платформа која на македонскиот народ не му е потребна.

Ејуп Аљими од ДУИ смета дека треба што поскоро да се деблокира Парламентот, да се формира влада и да се почитува Охридскиот рамковен договор. 

Седницата ќе продолжи во 15 часот по редовната едночасовна пауза.