Свет
11. February 2017 - 21:23

Пратеници конзервативци покренаа иницијатива за смена на спикерот Беркоу

Неколкумина пратеници на владејачката Конзервативна партија покренаа иницијатива во Парламентот за сменување на спикерот Џон Беркоу.

Тој е долгогодишен пратеник на Конзервативната партија, а револтот кај дел од неговите сопартијци го предизвика на почетокот од неделата кога во текот на расправата околу предлог-законот на Владата за Брегзит, соопшти дека тој, како спикер нема да дозволи, американскиот претседател Доналд Трамп да зборува пред пратениците и членовите на Горниот дом. Трамп ќе ја посети Велика Британија во текот на годината како гостин на кралицата Елизабета.

Во кусото обраќање Беркоу рече дека е „категорично против“  Трамп да збрува во Парламентот, па дека затоа ќе одбие да го покани претседателот на САД во Вестминстер.

Спикерот смета дека не постои автоматизам во тоа, секој странски државник и гостин да  може да зборува во британскиот Парламент, инсистирајќи дека „таа чест треба да се заслужи“.

Тој тогаш рече дека верува во „еднаквоста на луѓето и во независноста на судовите„ што беше алузија на контроверзниот декрет на претседателот Трамп, да се забрани влезот на државјани од седум муслимански земји, како и неговата јавна „пресметка“ и дисквалификација со судовите во САД.

Таквата позиција на Беркоу наиде на одобрување од целата опозиција и на дел од ториевците, но беше подоцна критикувана од десното крило на владејачките конзервативци.

Тие го обвинуваа Беркоу дека „претерал“ како и дека  ја „злоупотребил својата функција“ која според нив би требало да биде „сосема независна“.

Иницијативата на пратениците за неговото отповикување од функцијата најверојатно ќе се најде на дневен ред до крајот на овој месец.

Спикерот засега не реагира на намерата да биде сменет, како што нема реакција и од водството на Конзервативната партија, а ниту и од Даунинг стрит 10.

Претставник на неговиот кабинет во Вестминстер, меѓутоа, објави кусо соопштение во името на Беркоу во кое се вели дека не го загрижува повикот за неговото отповикување. Во соопштението се вели дека тој и натаму останува на позицијата која им ја соопшти на пратениците, на почетокот од неделава.

Некои лондонски весници денеска тврдат дека „се напуштила идејата“ Донад Трамп при посетата на Лондон да зборува во Парламентот.

Околу три милиони потписи беа собрани преку интернет против државничката посета на новиот претседател на САД на Велика Британија.