Македонија
28. July 2016 - 16:22

Пратенички прашања во собранието

Владата размислува за отворање на нови технолошко-индустриски развојни зони во Куманово, Липково и Маврово-Ростуше. Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот Емил Димитриев рече дека ефектите од постојните 5 зони се одлични. Отворени се 6.500 нови работни места, значително е зголемен и извозот од зоните, а бенефит имаат и локалниот развој и домашните компании.

Досега од 2014 до 2016 година како Влада имаме инвестирано околу 18,3 милиони евра. Тие инвестиции се во делот на комплетна  инфраструктура која ја градиме во овие зони бидејќи тие се градат по сите светски стандарди и норми за квалитетно функционирање, што дополнително влијае на привлекување инвеститори да дојдат и да градат свои стопански субјекти.  Досега во овие зони кои се во функција, свои фабрики и производни капацитети отвориле 24 компании, од кои 15 се целосно активни, а останатите се во подготовка на старт на производство и на вработување нови лица, рече Димитриев.

Премиерот Димитриев потенцираше дека невработеноста во земјава во моментов е на историско најниско ниво од 24,5%. Покрај директните странски инвестиции, за намалување на невработеноста придонесуваат и бројните владини мерки, од кои најголем ефект е постигнат преку оперативниот план за вработување со близу 63.000 отворени нови работни места. За помалку од еден месец, преку проектот Македонија вработува 2, вработени се 192 лица, но очекувањата се многу поголеми.   

Одговорарајќи на пратеничко прашање пак, заменик-министерот за образование Спиро Ристовски најави дека Основното училиште Димитар Македонски во општина Аеродром ќе добие целосно нов лик. По барање на граѓаните, до крајот на годинава ќе почне градбата на целосно нова училишна зграда.