Македонија
6. August 2017 - 15:48

Пратеничката група на СДСМ го поздрави распишувањето на локалните избори

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието го поздрави денешното распишување на локалните избори.

- Очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначлници и листи за советници, во интерес на граѓаните. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што, по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво. Поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Томислав Тунтев на денешната прес-конференција во Собранието.

Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, како што рече, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво.

- По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на институциите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската опција предводена од СДСМ носи нови вредности и нови придобивки. Општините ќе работат за граѓаните и олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност, истакна Тунтев.

Тој ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието очекува дека надлежните институции за организација на изборите ќе бидат подготвени ефикасно и професионално да одговорат на предизвикот за организирање на фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите.