Македонија
19. October 2017 - 8:43

Прашања од повеќе области на денешната седница на Владата

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 32 седница, на која ќе расправа за прашања од повеќе области, меѓу кои и за информацијата за постапување по предмети за настанатите штети на движен и недвижен имот на подрачја на скопскиот и тетовскиот регион поради зголемен обем на врнежи и поплави.

На седницата ќе биде разгледана информацијата за пројавен интерес за користење стручна помош од странски експерти на третиот Јавен повик на проектот „Странски експерти за домашни компании“, а на предлог на Министерството за транспорт и врски ќе се разгледа и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“, информација за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандуми за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти на земјите од ЕУ и светот.

На предлог на Собранието на РМ, министрите во Владата на РМ, на оваа седница ќе се произнесат и за Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка, како и за предлогот за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Пред министрите ќе се најде и информацијата за склучен Протокол помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската федерација за размена на документи и информации поврзани со царинска вредност на стока која се разменува меѓу двете земји и Работен план за соработка помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската Федерација за спречување на царински прекршоци.

На предлог на Секретаријатот за европски прашања на оваа седница ќе биде  и информацијата за потпишување Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Владите на Република Македонија и Република Албанија за Акциската програма за прекугранична соработка помеѓу двете земји за 2015-2017 година, како и Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

Владата на седницата ќе ја разгледа и информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во периодот мај-јуни 2017 година.

На дневен ред е и Предлог-уредбата за методологија за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации од областа на културата во 2018 година и Предлог-програмата за изменување на програмата за научно-истражувачката дејност за 2017 година.

Ќе биде разгледана и информацијата за активностите во насока на имплементација на клучните мерки под димензијата Антикорупција од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020.

Министерството за транспорт и врски на оваа седница на владата ќе ја презентира и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Изградба на карго аеродром „Филип II“ во Штип.

На предлог на Министерството за образование и наука, министрите на оваа седница ќе ја разгледаат информацијата за реализација на проектот Спортска академија, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада“.

Ќе биде разгледан и Извештајот за шестмесечната работа на Агенцијата за филм на Република Македонија за период од 1 јануари 2017 до 30 јуни 2017 година, на предлог на Агенцијата за филм на Република Македонија.