Македонија
28. August 2016 - 16:29

Позитивните вибрации од Бутарис значат дека Грција сака да го одложи решението на спорот со името

Позитивните вибрации кои ги дадоа грчкиот Министер за Надворешни Работи Никос Коцијас и градоначалникот на Солун Јанис Бутарис при минатонеделните посети на Македонија - значат дека Грција преку подобрување на билатералните односи сака да го одложи решението на спорот со името, смета долгогодишниот дипломат Ристо Никовски.

- Има нови тоналитети од грчката политика. Меѓутоа да не заборавиме дека сите тие се со ограничен домет, основната цел и задача останава а сега се работи на одложување на спорот со името. Што нашите власти за жал некритички го прифаќаат бидејќи тоа е наше суштински прашање, затоа што тоа е наше суштинско прашање затоа што преку тоа сме уценети и спречени да напредуваме кон НАТО и ЕУ, вели Никовски.

Никовски додава дека со ова Атина сака да го амортизира притисокот кој го имаше од САД поради неприфаќањето на двојната формула за решавање на спорот со името.

Во ексклузивното интервју за Сител, градоначалникот на Солун Јанис Бутарис потенцираше дека не му пречи нашиот јазик да се нарекува македонски а покажа и флексибилност околу именувањето на нацијата.

- Прво, кога зборуваме за македонскиот јазик. Не се грижам ако јазикот се нарекува македонски. Тоа е словенски јазик и навистина не се грижам. Ние немаме македонски јазик, ние имаме грчки јазик. Значи навистина не се грижам за тоа. Тоа што ме вознемирува, а мислам дека ги вознемирува сите во Грција е ова менување на историјата, рече Бутарис.

За Никовски Бутарис е нетипичен грчки политичар, а неговото признавање може да се објасни и со неговото потекло. Неговиот дедо е влав од Крушево.

- Тој е еден од оние пофлексибилни, помлаки грчки националисти и очигледно ни го признава јазикот, зборуваше за македонци, значи го признава и народот. Но не го признава името на државата, дури даде и некои сугестии како да се нарекуваме. Меѓутоа тоа не е официјалната политика на Грција, Атина не ги признава и јазикот и нацијата, поентира експертот.

Според Никовски, покрај Бутарис за ова национално прашање консензус постои и од владечата Сириза, но сепак грчките политички партии независно од идеолошката одредница ги следат националните позиции.