Македонија
12. August 2017 - 20:52

Пожарот кај Трескавец повторно е активен

Повторно се активираше пожарот кај манастирот Трескавец и според командирот на прилепската Противпожарна единица Станко Колески, состојбата е сериозна.

- Се возобнови пожарот кај Трескавец и ситуацијата е многу сериозна. Има силен ветер кој го шири огнот. Интервенираше летало од Дирекцијата за заштита и спасување, но поради лошата временска ситуација и ветрот повеќе не може да се интервенира на таков начин. Голем број доброволци од прилепски фирми, нашите екипи се на теренот и тука остануваат за да се справат со огнената стихија. Останува повикот за што поголем број доброволци да се пријават, вели Колески.

Пожарот кај Трескавец е активен од четвртокот иако на неколку пати беше ставан под контрола. Но, сега поради ветрот, ситуацијата станува алармантна, додаваат од Противпожарната единица. 

- Во прилепско имаме повеќе активни пожари. Еден е на потегот кај селото Крушевица, потоа околу селото Бонче, а имавме интервенциија и кај поранешната фабрика „Партизанка“. Се локализираше пожар кај селото Зрзе, а сега се возобнови пожарот под манастирот Трескавец. Исто така, имаме пожари околу селата Забрчани и Мраморани. Наши екипи работата постојано на теренот. Според јавувања на граѓани има намерно подметнување пожари, но тоа надлежните треба да го потврдат, вели  Јосе Јорданоски од прилепската Противпожарна единица.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески апелираше итно да се пријават уште доброволци за гаснење на пожарот кај Трескавец.

- Граѓаните на Прилеп овие две-три недели се справуваат со огромна непогода. Мислам дека на терен треба што е можно повеќе да бидат надлежните институции, да преземат мерки овде, кај Трескавец, ветерот е силен, огнот брзо се шири, вели Ристески.

 

Попладнето, манастирскиот комплекс го посетија архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и владиката Климент.  Владиците беа информирани за состојбата со пожарите, а направија увид и на градежните активности за обнова на опожарените конаци на манастирот.