Македонија
1. August 2016 - 16:42

Пожар ја пеплоса најдобрата млекара во Македонија „Николови“

Голема е штетата од пожарот кој ја пеплоса свети николската млекара “Николови”. Огнените стихии кои утрово околу 9 часот го зафатиле објектот за 20-тина минути опожариле неколку стотина квадрати од млекарата. Во пожарот уништена е и целата опрема која се користела за обработка на млекото и млечните производи. Повеќе од два часа им биле потребни на противпожарните бригади од Свети Николе и Штип да се справат со огнените јазици кои ја проголтале фабриката.

Во интервенцијата полесно повреден е еден пожарникар кој бил меѓу првите кои пристигнале по дојавата за пожар. Од страна на медицинскиот тим кој бил присутен му била пружена соодветна помош.

И по завршување на интервенцијата и целосно згаснување на огнот, видно беше присуството на противпожарните единици кои останаа поради превенција од повторно појавување на огнени јазици.

Во разговор со локалните жители добивме информации дека објектот е релативно нов односно изграден пред околу 3 години. Надлежите велат дека причините за пожарот сеуште не се познати, но дека во текот на наредните денови ќе се работи на решавање на случајот.