Македонија
28. September 2016 - 12:24

Повторно одложена комисиската расправа за Извештајот на СЈО

Во Собранието на Република Македонија и денеска беше откажано продолжението на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците поради неприсуството на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев рече дека не се создадени деловнички услови за одржување на седницата и ја одложи за утре. Додаде дека од Јанева не добил известување дека нема да дојде.

Јанева во понеделникот најави дека веќе нема да доаѓа на конмисиските заседанија и дека ќе има обраќање за Извештајот на пленарна седница на Парламентот.

И на денешната прес-конференција на СЈО, портпаролката Ленче Ристовска потврди дека Јанева нема да доаѓа на седницата на Комисијата за политички систем.

Како втора точка на дневен ред на Комисијата е Извештајот на Јавното обвинителство на Република Македонија. Првиот човек на ЈОРМ, марко Зврлевски беше дојден на продолжението на седницата, која не започна.

Според координаторот на СДСМ, Горан Сугарески одложувањето на седницата е само обид на ВМРО-ДПМНЕ да не се расправа за Извештајот на ЈОРМ. Сугарески тврди дека за Извештајот на СЈО може да се расправа и без присуство на Јанева.