Балкан
31. May 2016 - 11:06

Повеќето бездомници во Атина завршуваат на улица

Вкупно 71 процент од бездомниците во грчкиот главен град завршиле на улица во последните пет години, а 21,7 отсто само минатата година, покажа истражување на организацијата Засолниште за бездомници на градот Атина (КИАДА), финансирана од Владата на Норвешка и други европски земји.

Според студијата, која беше спроведена како дел од програмата „Борба против сиромаштијата и социјалната исклученост“, а чии резултати ги презентираше градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, 62 отсто од бездомниците во главниот град се Грци, големо мнозинство (85,4 проценти) се мажи, а најголем дел (57 проценти) се на возраст од 35 до 55 години.

Од 451 испитаници кои ги испитувале вработени во КИАДА од март 2015 година до истиот месец годинава, 47 отсто се изјасниле дека завршиле на улица откако ги загубиле своите работни места, а 29 проценти рекле дека не сакаат да се преселат во прифатент центар или друг организиран објект, јавува дописникот на МИА од Атина.

Помалку од половина од испитаниците (41,2 отсто) рекле дека конзумираат разни дроги, 7,3 проценти алкохол и два проценти и дрога и алкохол.

Каминис, исто така, рече дека во период од една година, со програмата за солидарност се дистрибуирале 46.156 купони за храна во супермаркети во вредност од околу 1,85 милиони евра за 9.000 корисници во повеќе од 3.700 семејства.

- Преку своите општествени структури и силни партнерства со разни агенции и обичните граѓани, градот Атина помогне да се даде поддршка на повеќе од 25.000 жители, рече Каминис.