Македонија
6. November 2015 - 11:51

Потврдена поддршката од Полска за членството на Македонија во НАТО – средба на министрите Јолевски и Шимоњак

Министерот за одбрана Зоран Јолевски го продолжува неговото учество на Безбедносниот форум во Варшава, каде се дискутира стратегијата за Самитот на НАТО следната година. Министерот Јолевски на маргините на Самитот имаше кратка средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Александар Вершбоу.

Воедно министерот Јолевски денеска оствари средба и со полскиот министер за национална одбрана, Томаш Шимоњак, на која беше заклучено дека местото на Македонија е во НАТО и тој процес треба да заврши што е можно поскоро.

„Македонија и регионот мораат да направат чекор напред во интеграцијата во НАТО-алијансата. Тоа е особено значајно за Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, со што ќе се влијае на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа, а ќе се прати и порака дека НАТО-алијансата е отворена за прием на нови членки кои ги исполниле условите“, порача министерот Јолевски на средбата. Наша заложба, додаде тој, е да продолжиме да бидеме подготвени за членство, за што преземаме поголеми реформски зафати, меѓу кои и процесот на модернизација согласно стандардите на Алијансата.

Нашата позиција останува јасна – Полска безрезервно ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон заслужено полноправно членство, порача полскиот министер Шимоњак. Тој ја поздрави поддршката која нашата земја ја дава кон глобалниот мир и безбедност. Интеграцијата на Македонија и регионот во НАТО, рече Шимоњак, ќе придонесе кон побезбедна и попросперитетна Европа.

Двајцата министри го истакнаа високиот степен на одбранбена соработка, која се реализира низ средбите на највисоко ниво, соработката на полето на военото образование, регионалните центри и слично. Полска е една од првите земји со кои Македонија има потпишано Спогодба за соработка во одбраната.