Македонија
20. February 2018 - 16:06

Потврдена бременост кај уште две девојчиња од домот 25 мај, МТСП тврди дека не биле злоставувани

15 годишно девојче од домот “25 Maj” абортирало пред неколку дена, а бремено е друго 17 годишно девојче од истиот дом. Од министерството за труд и социјала тврдат дека не се работи за злоставување. Двете биле во љубовни врски со штитеници од домот. 15 годишната одлучила да ја прекине бременоста поради возраста, а 17 годишната да го роди бебето, иако не знаела од кого останала бремена.

Таа во моментов е кај нејзиниот татко, кој се согласил да се грижи за неа и за нејзиното бебе. Пред да биде пуштена од домот таа кажала дека не била силувана или злоставувана, велат од министерството за труд и социјала.

Во моментов во домот се сместени 26 деца. Дел од нив се сами, а дел со нивните родители, бидејќи објектот е одреден за децата штитеници кои имаа социјални проблеми. Просториите наменети за спиење се сместени на приземјето. Делот кој се однесува на воспитно – образовната работа и психосоцијалната помош се наоѓа на првиот кат од домот.

Од денеска домот “25 мај” има ново раководство. По оставката на Соколовски која беше предадена од морални причини,  со инстутуцијата ќе раководи Даниел Алексовски. Тој најави трансформација во начинот на работа со децата, со цел поголема ефикасност.

Решението на проблемот со децата штитеници ќе се бара преку формирање на мали групни домови, кои ќе бидат под видео надзор и во кои ќе се згрижуваат по пет деца.

Случувањата во домот “25 мај” ја разбрануваа јавноста откако минатата недела Европскиот центар за правата на Ромите од Унгарија обелодени дека 13 годишна штитеничка во овој дом била подложена на абортус, откако останала бремена по сексуално злоставување.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска реагираат дека државните институции, кои треба да се грижат за правилниот раст и развој на згрижените деца се претвораат во место за измачување и терор.

Од министерството за труд и социјална политика одговорноста за злоставувањето на 13 годишната штитеничка повикаа да ја лоцираат МВР и јавното обвинителство.