Македонија
23. јуни 2017 - 17:30

Потполковник Ердоан Хасан, нов командант на касарната во Куманово

 Нов командант на касарната „Боро Менков“ во Куманово е потполковник Ердоан Хасан, кој досега извршуваше должност, началник на секција во првата механизирана пешадиска бригада во Петровец.

Во касарната во Куманово денеска со воена свеченост беше извршено примопредавање на должноста командант на првиот механизиран пешадиски баталјон од составот на првата механизирана пешадиска бригада, од досегашниот командант потполковник Лулзим Нуредини, кој пак заминува на должност во Здружената оперативна команда (ЗОК).

Новиот командант Хасан им се заблагодари на претпоставените команданти за довербата која му ја даваат, истакнувајќи дека да се биде командант на ваква единица за него е предизивик.

- Сметам дека ќе ги оправдам одлуките на моите претпоставени, истовремено сакам да ве уверам дека ќе го дадам својот максимум и ќе го употребам досегашното знаење и искуство стекнато во мојата војничка кариера за оваа единица да продолжи по својот зацртан пат и да постигнува уште подобри резултати и во иднина, рече новиот командант Хасан.

Командантот на првата механизирана пешадиска бригада, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски во говорот пред присутните му изрази благодарност на досегашниот командант Нуредини, а на новиот командант му посака успех.

Поранешниот командант Нуредини ги истакна резултатите, постигнувањата на единицата, обуки, обуки за специјалност, вежби, гаѓања, активности, за кои потенцира се оценети со највисоки оценки утврдени според критериумите воспоставени во АРМ. Тој ја истакна и улогата на единицата во помошта на цивилното население, справувањето со мигрантската криза и му посака на новиот командант успех во извршувањето на задачите.

На крајот од свеченоста беше извршено примопредавање на военото знаме на единицата, по што следеше воено дефиле на ешалоните од потчинетите единици на баталјонот.

На прославата присуствуваа преставници од АРМ, од државните и од локални институции.