Македонија
19. September 2016 - 12:47

Потпишан договор за соработка меѓу УКЛО-Битола и Универзитетот „Аристотел“-Солун

Ректорите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и Универзитетот „Аристотел“-Солун, Сашо Коруновски и Миткас Периклес, потпишаа договор за билатерална соработка.

Договорот ги поттикнува културните врски меѓу Битола и Солун, како и возобновувањето на соработката на академски план, посочи Сашо Коруновски, ректор на УКЛО-Битола.

- Универзитетот „Аристотел“ од Солун е еден од клучните универзитети на Балканот и во таа смисла нашиот универзитет како помлад и помал, има што да научи но и да соработува како рамноправен партнер во претстојните проекти. Ние имаме искуство од оваа соработка низ веќе реализирани проекти, а сега се отвораат вратите за поинтензивна соработка, средби на студентите и размена на наставен кадар, истакна ректорот Коруновски.

Универзитетот „Аристотел“ од Солун е формиран во 1926 година и во моментов едуицира 70.000 студенти на 11 факултети со 40 отсеци во Солун и 1 отсек во градот Серез. На универзитетот застапени се сите степени на студирање, развиена е истражувачката дејност и притоа само во тој дел ангажирани се околу 3.000 млади научници.

- Договорот ќе се движи во насока на зближување и партнерски односи меѓу административните и академските кадри од двата универзитета. Тоа се надградува на постојните релации меѓу двата градови, Солун и Битола, и се надеваме дека оваа академска потврда на соработката ќе овозможи нова соработка преку развојни истражувачки проекти и најмногу од се, размена на кадри од двата универзитета, посочи ректорот Периклес.

Потпишувањето на договорот за билатерална соработка меѓу двата универзитета е во рамки на програмските активности на УКЛО посветени на јубилејот 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски