Македонија
31. January 2016 - 17:17

Поткуп од 100.000 евра понуден на лице таргетирано од Катица за да се сведочи против власта

Стотина илјади евра му нудел осомничениот полицаец на сведок за да потпише лажна изјава за компромитација на луѓе таргет на Заев и Катица Јанева, дознава Сител од пријавата поднесена од МВР.

Парите, според информациите до кои дојде Сител, требало да му ги исплати еден од првите луѓе на СДСМ.

Извори од истрагата велат дека овие обиди на тимот на Јанева да се издејствува лажно сведочење со комплетно документирани и поткрепени со цврсти докази па се очекува Обвинителството за организиран криминал и корупција многу брзо да го земе предметот во работа. Истите извори велат дека недозволиво службени лица од полицијата на ваков начин да се обидуваат да конструираат случаи.

Покрај оваа тужба која ја поднесе полицијата, поднесена е и уште една кривична пријава против три лица, дел од тимот на Катица Јанева. Тие се товарат за малтретирање во службата, откако на незаконски начин со закани, притисоци и уцени се обидувале да извлечат изјави од сведоци кои потоа Јанева би ги користела во постапката.

Според информациите, обвинителите воопшто не им дозволувале на сведоците да повикаат адвокат, се однесувале дрско упатувајќи закани кон нив и нивните семејства.

-Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане, е само еден од цитатите кои ги навеле лицата кои биле предмет на злоупотребите на тимот на Јанева.

Сител дознава дека обвинителите воопшто не го снимале испитувањето на сведокот кој ги обвини за малтретирање што е многу индикативно, ако се знае дека видео снимањето на ваквите испрашувања е редовна пракса кога станува збор за сериозни кривични предмети.

Потврда на информацијата побаравме и од Специјалното јавно обвинителство, но од таму продолжуваат по старо и не одговараат на прашањата на Сител. Оттука, останува нејасно, дали обвинителите на Јанева ги исклучиле камерите за да ги скријат заканите и малтретирањето на сведокот или пак станува збор за уште еден во низата показатели за стручните капацитети на Специјалното јавно обвинителство.