Македонија
21. February 2018 - 18:45

Постигнат договор околу комуналната такса и урбаната опрема во Охрид

Надлежните во Општина Охрид и угостителите од градот на денешната средба ги усогласија ставовите околу начинот на наплата на обврските за комунална такса, како и за висината на износот за поставување урбана опрема во градот за тековната 2018 година.

Угостителите од градот го прифатија предлогот на локалната самоуправа комуналната такса за вршење дејност да се плаќа на почетокот на секој месец и да изнесува десет, 7,5  односно пет денари за квадрат зависно од зоната и тоа за летниот период од мај до октомври, додека цената за зимскиот период да изнесува пет денари за квадрат за сите три зони.

Надоместокот за поставување урбана опрема на јавни површини, односно на градежно изградено и уредено земјиште ќе се наплаќа врз основа на склучен договор за краткорочен закуп и за времетраење кое корисниците го побарале пред склучувањето на договорот. Висината на надоместокот на месечно ниво за метар квадратен, ќе биде 300 денари за зона А, 250 денари за зона Б и 200 денари за зона В (летно тарифирање) и по 150 денари за трите зони за преостанатиот зимски период.

На претходната средба одржана во понеделникот беше постигната согласност угостителите да не мора секоја година да изготвуваат нов елаборат при поднесувањето барање за поставување урбана опрема доколку нема измени во фактичката состојба.

Договорените одлуки ќе бидат ставени на дневен ред на наредната седница на Советот на Општина Охрид.