Македонија
20. October 2017 - 10:39

Постхумно промовирана стихозбирка од поетот Илија Карајанов

Во Гевгелија постхумно беше промовирана збирката поезија „Граници во сонот“ од Илија Карајанов,  која е негова деветта стихозбирка од 1978 година. Организатор на промоцијата беше гевгелиската библиотека „Гоце Делчев“, а стихозбирката ја претставија Ефтим Клетников и Михаил Ренџов.

- Сите песни на Илија Карајанов во збирката „Граници во сонот“ се насочени кон откривање и промовирање на сакралните вредности на светот. Тие, според поетот, се вистински знаци кои го отсликуваат човекот во нагонот на неговото културно-цивилизациско прометејство на духот и ја откриваат божествената природа на неговото постоење. Поезијата во оваа збирка претставува еден екстатичен, празничен, светол и однатре осветлен говор во кој блика и медитеранската светлина на родната Гевгелија на авторот, рече промоторот Клетников.

Авторот Илија Карајанов е роден 1943 година во Гевгелија, а почина минатата година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1987 година и добитник е на највисокото општинско признание за животно дело „7 Ноември“ за значајни постигнувања во областа на културно-воспитната дејност.