Македонија
1. March 2018 - 16:17

Поставени табли „Пријателство“ на автопатот Табановце-Богородица

Автопатот А1 од Табановце до Богородица го доби новото име.. Екипи на Македонија пат  ги монтираат таблите со името Пријателство кое во знак на добрососедство го најави премиерот Зоран Заев по средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.. Знаци со новото име на автопатот ќе се постават долж коридорот 10, делница која до неодамна се нарекуваше Александар Македонски..

Одлуката за промена на името на автопатот Александар Македонски во автопат Пријателство беше донесена на средината од минатиот месец. По две недели од стапувањето на сила на оваа одлука, денеска почна поставувањето на сообраќајните знаци со новото име на автопатот.

Освен на автопатот, согласно одлуката објавена во службен весник, ново име добива и аеродромот кој ќе се нарекува Меѓународен аеродром Скопје.. Овој натпис се уште не е поставен на аеродромската зграда но затоа од нејзината внатрешност, синоќа се отстрани споменикот на Александар Македонски.. Дека овде постоело некакво спомен обележје, денеска сведочи само црниот мермерен постамент.. Од ТАВ аеродроми велат дека споменикот на Александар Македонски е отстранет по барање на владата..

Отстранувањето на споменикот на Александар Македонски од внатрешноста на аеродромот следи по неполна недела откако беше демонтиран натписот Александар Велики од главната терминална зграда. Инаку споменикот на Александар Македонски овде беше поставен во 2011-та а го донираше оперативен директор на концесионерот ТАВ.

Од ТАВ аеродроми велат дека остранувањето на споменикот како и натписот на објектот се поврзани со владината одлука за промена на името на аеродромот, а трошоците за изведба на работите ги сноси управата на аеродромот.. Во писменото соопштение додаваат дека споменикот кој беше отстранет синоќа е предаден на надлежните владини институции..