Македонија
12. November 2017 - 16:25

Поставени мерни станици во Штип

Научниот тим од лабараторијата АМБИКОМ при штипскиот Универзитет изработи софистицирани инструменти за поекономично и поефикасно мерење на квалитетот на воздухот. Овие конструкции кои во реално време ги прибираат и складираат податоците и кои преку интернет ќе бидат достапни и до пошироката јавност, ќе бидат поставени во оние градови кои немаат мониторинг мрежа.
 
- На база на пресметки, да покажеме какво влијание ќе има квалитетот на воздухот во даден момент, а во исто време ќе ги презентираме и бројките кои што се референтни согласно законските прописи.- изјави проф. д-р Дејан Мираковски, раководител на лабараторијата АМБИКОМ-УГД-Штип
 
Досегашните истражувања покажале дека амбиенталниот воздух во Штип и Струмица, скоро никогаш не ја надминуваат границата од дозволените 50 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен. Бидејќи, мерните станици се опремени и со метеоролошки сензори може да се утврди и кој е главниот причинител на загадувањето и во кој период од годината.
 
- Генерално, сите индиции се дека главни загадувачи се за жал домаќинствата, односно начинот на кој ние се грееме, значи тоа е доминантен загадувач и паралелно со грејната сезона започнува и наглото влошување на квалитетот на воздухот. Не е дека нема и други, но доминантно влијание имаат домаќинствата-изјави Мираковски
 
Проектот е инициран на барање на индустријата, а научниот тим успеал истите истражувања да ги инкорпорира и за потребите на целокупното население. Мерните станици целосно се изработени од домашен стручен тим, со што за 10 пати е пониска цената во споредба ако истите би биле купени од странство.