Балкан
24. May 2017 - 19:05

Посредникот на ОН во преговорите за Кипар се надева на завршна средба до крајот на неделава

Специјалниот претставник на ОН за Кипар, Еспен Барт Ајде изјави денеска дека се обидува да ги убеди лидерите на турската и грчката заедница на островот да одржат завршна средба до крајот на неделава, со цел да се постигне договор за повторно обединување на Кипар.

По одделните средби со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и со лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, тој истакна дека постојат „реални несогласувања“, кои треба да бидат решени, пред да се склучи договорот. Посредникот на ОН не потврди за какви несогласувања станува збор.

Преговорите за обединување на Кипар се во застој, бидејќи и двете страни се обидуваат да наметнат свои услови за евентуална нова средба во Женева.

Анастасиадис бара на средбата да бидат разгледани најтешките прашања, а Акинџи настојува сите прашања да се дискутираат одеднаш.

Двајцата лидери започнаа преговори од мај 2015 година, кои создадоа реални надежи за повторно обединување на островот. Најголема пречка во преговорите е прашањето за територијална распределба меѓу двата идни составни дела на обединетата држава.