Кошарка
20. July 2017 - 18:17

Пораз за кадетите од Бугарија на вториот тест

 
 Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија (до 16 години) е поразена од соодветната селекција на Бугарија во вториот пријателски натпревар одигран попладнево во Скопје. 
 
Откако вчера избраниците на селекторот Горан Ѓеорѓиевски забележаа убедлива победа со 25 поени разлика, денеска Бугарите возвратија со победа од 21 поен разлика со 60-81 (по четвртини 20-21, 15-13, 12-19, 13-28).
 
Со само двајца расположени играчи во нападот Македонија и не можеше да се надева на позитивен исход во овој дуел. Адријан Наумоски со 14 и Дарио Митевски со 10 постигнати поени, беа единствените во нашата репрезентација кои средбата ја завршија со двоцифрен број на постигнати кошеви. 
 
Вечерва нашите кадети ќе отпатуваат за Истанбул каде од сабота до понеделник ќе настапат на меѓународен турнир на кои ќе играат против селекциите на Грузија (два натпревари), Катар и екипата на Истанбул Баскет.
 
Инаку овие натпревари се дел од подготовките за настап на претстојното ЕП (Дивизија Б) кое во периодот од 10 до 19 август ќе се одигра во Софија, а на кое во рамки на групата Д, нашите кадети на за противници ќе ги имаат селекциите на: Португалија, Луксембург, Грузија, Велика Британија и со Косово.