Свет
24. February 2017 - 14:36

Пораз на новиот лидер на УКИП на вонредните избори за Англија

Новиот лидер на британската десничарска, аниевропска и антиимигрантска Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП), Пол Натал доживеа пораз на вчерашните вонредни избори во Стоук он Трент за едно пратеничко место во Парламентот во Лондон.

Натал беше поразен од кандидатот на опозициската Лабуристичка партија, Гарет Снел, која традиционално го има под своја контрола ова избирачко место.

Пол Натал го наследи на лидерската функција Најџел Фараж, кој неочекувано се повлече од функцијата по референдумот за ЕУ од 23 јуни, иако се очекуваше дека победата на Брегзит опцијата за која тој силно се залагаше и агитираше ќе ја зацрсти неговата позиција.

Фараж во својата политичка определба настојуваше да ги привлекува на своја страна нездоволните конзервативци од десното крило евроскептици  на сега владејачката партија во Велика Британија.

Таа негова оределба и кампањата што ја започна за „преиспитување на односите меѓу Британија и ЕУ“, го натера поранешнит ториевски лидер и екс-премиер Дејвид Камерон самоуверено да побара референдум за останување или за истапување од Унијата, верувајќи дека лесно ќе победи анти-Брегзит опцијата и дека ќе ги елиминира УКИП и десничарите во неговте редови.

Меѓутоа, Камерон доживеа пораз и поднесе оставка, но од функцијата се повлече и Фараж, кој својот потег го објаснуваше со „исполнувањето на неговите политички амбиции“ за излез на Велика Британија од ЕУ.

Сега, само како припадник на УКИП, тој настојува да се растури ЕУ, но новиот лидер Натал, наместо меѓу конзервативците, битката сака да ја води и меѓу лабуристичките гласачи, посебно во западна Англија, во Мидлендс и во Камбрија.

Натал верува дека свртувањето на лабуристичките гласачи против сопствената партија на референдумот и гласањето за Брегзит во Велс и во североисточна Англија, треба да се искористи во полза на УКИП, за разбивање на ЕУ и на сегашниот модел на европско интегрирање,со враќање на некогашните „национални интереси и граници“.

Затоа, новиот лидер на англиските десничари се определи да се кандидира во Стоук, за да стане пратеник во британскиот Парламент, но не успеа, како и Фараж пред него, кој никогаш не беше избран за британски пратеник.

Во првите реакции по поразот, Пол Натал изјави дека нема намера да поднесе оставка. Наместо тоа, за британските медиуми тој изјави дека „убавите времиња“ за УКИП допрва доаѓаат.