Македонија
6. December 2016 - 12:12

„Порака Наша“ одбележува десет години постоење

Со изведба на претставата „Ленче Кумановче“ во Кумановскиот театар, Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Порака Наша“ денеска одбележува десет години постоење.
 
Претставата ја подготвија корисниците на услугите на „Порака Наша“ заедно со ученците од „Перо Наков“. 
 
Стручниот тим на „Порака Наша“ по повод јубилејот ќе им додели и признанија на централните и локалните власти, на донаторите од бизнис-заедницата и на други соработници.
 
- Сакаме да покажаме колку сме напреднале во последниве десет години колку што функционира Дневниот центар во однос на работата на корисниците, развивањето на нивните можности и способности, изјави дефектологот во „Порака Наша“ Фросина Симоновска.
 
Посочувајќи дека се реализираат бројни активности преку кои корисниците стекнуваат одредени вештини за поголема вклученост во заедницата, секретарот во Здружението и родител Емилија Цветковска изјави дека функционирањето на „Порака Наша“ е драгоцено за корисниците и нивните семејства и во моментов е на завидно ниво. Но, потребно е, рече, отворање дополнителни дневни центри иако во градот функционираат два за лица со интелектуална попреченост.
 
Според одредени проценки, додаде Цветковска, на подрачјето на Куманово, Липково и Старо Нагоричане има околу 900 лица со пречки во развојот. Моментно во Дневниот центар пет дена во недела престојуваат 21 корисник над 18 години со умерена и тешка интелектуална попреченост за кои се грижи стручен тим: дефектолог, социјален работник, психолог и професор по предучилишно воспитание.