Македонија
19. August 2017 - 9:57

Поради сушата во опасност рибниот фонд во езерото Калиманци

Поради сушата и големото намалување на водата во езерото Калиманци, во опасност од уништување е подмладокот на рибите во езерото. Горан Стоименовски од СРД „Шаран“ од Македонска Каменица информира дека состојбата со рибниот фонд во езерото е алармантна и постои опасност од исчезнување на подмладокоот во езерото.

- Алармантна е состојбата со рибниот фонд, а подмладокот кој беше измрестен пролетва го нема, бидејќи го јадат поголемите риби. Ваква ситуација немало досега. Нивото на водата во езерото е многу ниско и е причина за овој процес во езерото. Доколку така продолжи, последиците ќе бидат големи и голем дел од рибниот фонд ќе биде уништен, истакна Стоименовски.

Стоименовски апелира до надлежните органи да преземат соодветни мерки за да се спаси рибниот фонд во езерото. 

- За состојбата со рибниот фонд во Калиманци ние ќе ги информираме сите надлежни органи кои мора да излезат на терен и да видат што се случува за да се преземат соодветни мерки. Ние сме концесионери 5 години, а досега 11 пати сме го порибиле езерото, сега нашите напори, езерото да стане мека за рибиловен туризам за што има идеални услови, сега пропаѓаат. Ако не се покачи нивото на езерото, тогаш мора да се направи дислокација на рибниот фонд, а тоа го дозволува законот, истакнува Стоименовски.

Инаку, моментално во езерото Калиманци има 30 милиони кубни метри вода, а дневно се испуштаат по 50 см, додека дозволената граница е 70, информираат од Водостопанство Брегалница.

Оттаму потенцираат дека ваков сушен период немало последните 30 години, а „Водостопанство“ е обврзано да ја почитуваат нивната законска обврска, според која, водата од браната е наменета првично за наводнување и заштита од полави, а потоа следуваат другите функции.