Македонија
22. May 2017 - 14:08

Попоски за ИБНА: Промените на границите на Балканот не се патот напред

Во третотои последно интервју на маргините од 127. сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, зборуваше со Независната балканска новинска агенција (ИБНА), за нестабилноста на Балканот, изборите во Република Македонија и спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Каква е сега политичката ситуација во Република Македонија по нестабилноста во земјата? Што мислите дека треба да се направи по формирањето на новата влада и околу односите со Грција?

- Пред сѐ сметам дека во рамки на внатрешната политика ќе се работи кон локални избори и тоа ќе биде време кога ќе може да провериме што мисли јавноста за различните погледи и различните стратегии на противниците. Перцепцијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека ние сме на страна на заштитување на демократските принципи и избегнување промени на истите без оглед на ситуацијата. Главниот тест ќе биде моментот кога ќе имаме локални избори кои би требало да се одржат што поскоро.

Во поглед на односите со Грција, сметам дека во изминатиот период успеавме да постигнеме значително подобрување на билатералните односи, при што се добиваа позитивни пораки од двете земји.  Сѐ уште сме далеку во поглед на решавање на едно единствено прашање, а тоа е спорот со името. Во тој контекст, ставовите за тоа како се чувствуваме едни за други се мошне доследни од двете страни на границата.

Дали меморандумот за разбирање помогна да се има добар однос меѓу Грција и Република Македонија?

- Мислам дека мислењата на двете страни се преклопуваат во поглед на мерките за градење доверба. Сметам дека не постои голема разлика во тоа како се гледа на нештата во Грција и Македонија во поглед на меморандумот. Сметам дека двете земји се согласни дека во суштина меморандумот е нешто добро за граѓаните, добро за економијата, добро за главните вклучени страни во земјите, и не е нешто што автоматски ќе ги реши разликите што постојат меѓу нас. Меѓутоа, ако погледнеме наназад многу е подобро да имаме таков однос наместо да бидеме на различни страни од приказната за сите проблеми што можат да се појават.

Спомнавте дека локалните избори ќе покажат какво е мислењето на јавноста. Ова значи дека не ја прифаќате победата на социјалистичката партија на изборите?

- Не, воопшто, затоа што тие не победија на изборите, туку планираат да оформат влада. Мислам дека бевме јасни во тој поглед. ВМРО-ДПМНЕ ја освои најголемата поддршка од јавноста меѓу конкурентските партии. Социјал-демократите формираат владејачка коалиција во Собранието.

Но, како може да се промени мислењето на народот по еден-два месеци?

- Мислам дека во меѓувреме се случија многу работи. Во контекст на изборите од декември, сите го прифатија резултатот и не постоеја никакви сомнежи. Признаваме дека Собранието е она што треба да донесе одлуки за следните чекори. Вклучувајќи го и чекорот за тоа кога можеме или дали можеме да ги одржиме очекуваните парламентарни избори.

Сакам да речам дека се случиле многу работи по изборите во декември. Имавме исклучително поларизирана политичка атмосфера. Според ВМРО-ДПМНЕ постоеше сериозна загриженост околу фактот дека се воведоа нови елементи што не им биле претставени на граѓаните во текот на изборниот циклус. Одлуките направени потоа во Собранието дефинитивно влијаеле врз мислењето на јавноста. Не кажувам однапред што ќе се случи. Едноставно велам дека локалните избори ќе бидат следниот чекор каде што ќе може да се измери какво влијание имале одлуките донесени од едната или другата страна врз мислењето на јавноста. И воопшто не донесувам заклучоци за исходот. Во овој поглед, ВМРО-ДПМНЕ смета дека најдобриот чекор можеби би бил да се спојат локалните со парламентарните избори и да им се даде можност на граѓаните да кажат што мислат за платформите и програмите на партиите. Но реално земено, ова е одлука што може да ја донесе само мнозинството во Собранието.

Сметате ли дека спорот со името Македонија го има принудено народот на национализам?

- Пред сѐ не можам да замислам сценарио во кое некој би бил рамнодушен на прашање од тој вид што е исклучително значајно за која било нација. Не ми доаѓа на ум ниту еден друг пример каде што се барало од една држава да си го смени името и другите параметри што го дефинираат нејзиниот идентитет, нешто што се бара од нас. Тоа едноставно се коси со сите правни и демократски принципи. Според моето мислење, ова ќе се надмине само преку почитување на дел од основните принципи на кои се согласивме сите, на меѓународно ниво. Таа сигурно значи дека треба да ги земеме предвид грчките чувства во поглед на ова прашање, но најпрво треба да се почитуваат овие основни принципи и во случајот на Македонија. Нашите национални чувства се повредени преку поставување барања што не биле поставени пред ниедна друга држава. Нормално е таквата ситуација да има влијание врз сите нас. Тоа е неизбежно.

Дали постои стравување од империјализмот на Албанија, односно „Голема Албанија“?

- Мислам дека тоа не е патот кој носи напредок зашто сум убеден дека промената на границите на Балканот, гледано според таквите обиди во минатото, ни донела само лоши работи, невини жртви и ужасни последици. Сметам дека единствениот пат напред е земјите во рамки на постојните граници да се приклучат кон ЕУ и да се намалат тензиите преку фокусирање на реални нешта: работни места и економски развој. Убеден сум во тоа.

Дали би сакале да им пратите порака на граѓаните на Грција?

- Сметам дека треба да бидат сигурни во едно нешто: дека воопшто не треба да нѐ гледаат како некаква закана зашто во поголем дел имаме исти долгорочни цели.  Од друга страна, товарот што е наменат во минатото поради кој, да речеме, разликите околу спорот со името ги дефинираат нашите билатерални односи, треба да се отстрани. Бидејќи Грција е дел од НАТО, дел од ЕУ, не може да постои закана за нејзиниот територијален интегритет или суверенитетот, но сметам дека е и во грчки интерес, да се почитуваат истите принципи кога станува збор за соседна држава. Право да решаваме за нашата држава и нашиот идентитет не може и не треба да ни се негира ако сме согласни дека сакаме да живееме во демократски општества. На крајот на приказната, ако или кога и двете земји ќе бидеме членки на НАТО и ЕУ ништо од ова нема да биде важно зашто тогаш иднината ќе се одредува од страна на граѓаните на двете земји на независен начин. Сметам дека тоа е најдобриот начин за справување со ова.